Владата и синдикатите не се договорија за скалесто зголемување на платите во администрацијата. Дел од вработените во јавниот сектор најавија предупредувачки протест на крајот на месецов. Од владата велат, дијалогот продолжува…
Дел од вработените во јавниот сектор на 30-ти месецов излегуваат на предупредувачки протест. Нема решение за скалесто зголемување на платите. Владата и синдикатите не се договорија. Според синдикалците, донесените измени во Законот за административни службеници се однесуваат само за оние вработени кои досега земале плата пониска од минималецот.
„Минималното покачување на платата е минорно, сите оние коишто до сега земаа минимална плата или под минималната плата, ќе дојдат на минимална плата од 18.000 денари, а на другите јавни или административни службеници ќе се покачи платата со смешни 100 или 200 денари, што мислам дека го потценуваат јавниот сектор“, изјави претседателот на КСС, Благој Ралповски.
Поддршка за најавениот протест на КСС пристигна и од СОНК.
„На 30-ти март, 4 или 5 грански синдикати ќе протестираат, ние ќе им дадеме поддршка на нив, нема да излеземе барем засега на протест, ќе има генерален штрајк на 11-ти април“, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Од ССМ велат дека гранковите или секторските синдикати треба да си ја завршат работата за скалесто зголемување на платите согласно колективниот договор.
Заклучокот од седницата на Економско-социјалниот совет беше дека дијалогот продолжува.