Седумдесет и четиригодишниот Стивен Вилхајт, познат како човекот кој ги измисли GIF-овите, почина како последица на инфекција со коронавирусот.
Информацијата за смртта на Вилхајт ја потврди неговата сопруга Кетлин. Вилхајт починал во кругот на семејството, а во неговиот некролог стои дека останал скромен, љубезен и добар човек и покрај неговите големи достигнувања.
Вилхајт работеше на GIF (правилен изговор е џиф) или Graphics Interchange Format, кој сега се користи за реакции, пораки и шеги. Тој беше вработен во Compuserve во 80-тите и се пензионираше во раните 2000-ти. Времето го поминувал патувајќи, кампувајќи и правејќи модели на воз во неговиот подрум.
„GIF-от го измисли потполно сам, го направи дома и го однесе на работа откако го усоврши. Сè смислуваше приватно, во својата глава, а потоа програмираше на својот компјутер“, изјави сопругата Кетлин.
Вилхајт ја доби и наградата за животно дело на Webby токму за измислувањето на GIF-от.