Сите приватни фирми, државни институции, јавни претпријатија и министерства кои се обврзале од снабдувачи да купуваат струја по цена од берзата ХУПЕКС во март ќе платат струја поскапа над 40 отсто од февруарската сметка.
Сметките за електрична енергија за март за сите приватни фирми, министерства, болници, училишта, судови и други јавни установи поскапува за повеќе од 30 отсто. Ова важи за сите правни лица кои купуваат струја на слободен пазар, а со своите снабдувачи склучиле договори во кои се обврзале дека ќе плаќаат по цена од унгарската берза за струја ХУПЕКС.
Ова значи дека фирма со повеќе од 50 вработени која мора да купува на отворен пазар и која во февруари платила 5.000 евра за струја, за март ќе плати барем 2.000 евра поскапо.
Просечната цена на струјата за првите 25 дена на март е повисока за 90 евра односно 46 проценти во однос на просечната официјална базна цена на мегаватчас за февруари.
Снабдувачите со цел да се заштитат од волатилноста на цените решија струјата да ја продаваат по цена од ХУПЕКС на која додаваат трговска маржа со која ги покриваат своите трошоци за набавка и пренос на струјата. Најголем дел од договорите кои се на сила кај буџетските корисници кои купуваат на јавни тендери (ги има околу стотина правни лица од јануари до сега) и уште околу 500 приватни фирми (по наши неофицијални сознанија) купуваат струја од снабдувачите по цени кои се формираат на ХУПЕКС. За сите овие фирми, институции и установи повеќе од сигурно е дека сметките за март ќе бидат поскапи можеби и за 50 отсто доколку во последниве 6 дена од март не се случи чудо!
Најниската цена за овој месец е постигната на 20 март кога мегават базна енергија чинел 129 евра. Дури девет дена во март мегаватот просечно се тргувал од 232 до 279 евра, а осум дена цената била повисока од 300 евра за мегават час.
извор: faktor.mk