Македонско вино на Slow  Wine Fair во Болоња, Италија

Македонско вино на Slow Wine Fair во Болоња, Италија

25. 03. 2022.

Претстојниот Слоу Вајн Саем (Slow Wine Fair), меѓународниот саем кој е посветен на добро, чисто и правично вино, ќе се одржи од 27 до 29 март во Болоња, Италија, каде учество ќе земат седум македонски винарии.

Овие седум винарии се дел од првото македонско издание на Slow Wine водичот, во издание на Слоу Фуд Македонија, каде се презентирани уникатните приказни за винарите, нивната страст и поврзаност со земјата, лозјата, локалните вински сорти грозје и пејзажите, традицијата и технологијата на вино, со фаворизирање на оние кои спроведуваат еколошки одржливи практики на одгледување винова лоза и производство на вино.

За време на Slow Wine Fair поточно на 28 март во 10:30 часот, во Slow Wine арената на Bologna Fiere ( Болоњскиот саем) ќе се одржи и преставување на македонскиот како и Slow Wine водичите на Италија, САД, Кина, а колегите од Германија ќе го претстават нивното искуство за германското сертифицирање. Саемот ќе биде домаќин на првиот состанок на Slow Wine Coalition, инклузивна, колаборативна и меѓународна мрежа која ги обединува протагонистите од винскиот свет: винарите, ентузијастите и професионалците од секторот што е можност за дебата меѓу сите актери во мрежата, по примерот на Тера Мадре.

Во текот на трите дена на Slow Wine Fair ќе има и низа на конференции, мастер предавања и дегустации достапни за сите љубители на доброто, чисто и правично вино, но не само на виното. Ентузијастите и професионалците од секторот можат да уживаат во богатата програма на мастеркласови и да изберат меѓу илјадниците етикети од целиот свет, селектирани од Слоу Фуд. Овој последен дел ќе биде збогатен со учество на Федербио, Италијанската федерација за органско и биодинамично земјоделство.

Настанот ќе биде отворен за сите во недела на 27 март, додека 28 и 29 март, понеделникот и вторникот се резервирани за професионалците од секторот. Сепак, членовите на пошироката јавност кои имаат билети за мастеркласовите во понеделник или вторник сè уште ќе можат да пристапат на саемот.

извор: nezavisen.mk