Кршењата на работничките права се секојдневие, а заштитата секогаш е задоцнета или отсутна, па затоа и масовната разочараност помеѓу народот расте.
Првомајските прослави на Денот на трудот се речиси единствен период кога јавно се кажува за потребите за унапредување на работничките права. Но, потоа настанува молк и „цедење“ на работникот.
Сето ова се проблеми кои постојат со години, но никако не се решаваат. Работниците, разединети во повеќе синдикати, очекувата од надлежните државни органи да ги штитат нивните права и да ги санкционираат кршењата. Се прокламира дека минимална плата треба да примаат сите, но потоа се нема доволно контрола и санкции за прекршителите. Исто како и за неисплаќањето на К-15, за отпуштањата од работа, за сивата економија, за непријавените работници… Сето тоа очигледно покажува дека заштитата на работниците е на ниско ниво и дека состојбите тешко се менуваат на теренот. До кога ќе биде така?
Џабе и најдобри закони ако нема кој да ги спроведе
-Наместо да бараме континуирано реформирање на законските одредби, треба да се фокусираме на назначување на вистинските луѓе на вистинските места. Џабе ќе ги имаме и најдобрите закони ако нема кој да ги спроведе. Овде најголема одговорност имаат инспекторатите, бидејќи токму тие се институциите кои треба, а не си ја вршат доволно добро својата работа.
Работниците се плашат да се пожалат
Освен што недостига заштита од страна на државата, недостига и самозаштита од работниците.
Работник кој е злоупотребуван молчи затоа што му е страв да не го изгуби работното место. Баш тоа го посакуваат газдите, да им е страв па да си тераат по свое. Мора работникот да е порешителен, а синдикатите малку поагилни и почесни кон работниците.