Во февруари повторно во банките имало зголемена побарувачка за станбените кредити. Тоа го покажуваат податоците на Народна банка на Македонија за движењето на монетарните агрегати во вториот месец од годинава.
Само во февруари, македонските граѓани се задолжиле за нови 12 милиони евра за да дојдат до сопствен дом, односно да купат или куќа или стан.
Изразено процентуално, станбените кредити во февруари бележат месечен раст од 1,1 отсто, додека пак годишниот раст на станбеното кредитирање, односно февруари годинава во однос на февруари лани, изнесува 15,5 проценти.
Во јануари годинава, пак, вкупната задолженост на граѓанството по основ на станбени кредити изнесувала 1,100 милијарди евра. Бројките говорат дека јануарскиот раст на станбените кредити е повеќе од двојно помал од февруарскиот, односно тој изнесувал нецели пет милиони евра, што говори дека во јануари малку се стивнало со одобрувањето и земањето кредити за стан, но во февруари продолжува јагмата за станбени кредити.
Податоците покажуваат дека лани значајно растеле станбените кредити во земјава, и тоа во четвртиот квартал се зголемиле за 38 милиони евра, претходно во третиот растот изнесувал близу 43 милиони евра, а во вторит станбеното кредитирање се зголемило за 40 милиони евра.
А, покрај кредитирањето, нагоре одат и цените на становите, иако за февруари нема податок колку изнесувал порастот, бидејќи Народна банка на Македонија тие податоци ги објавува квартално, така што не се објавени бројките за првото тримесечие од годинава. Цените веќе достигнаа по 2.000 евра од квадрат во општината Центар во главниот град на земјава, но и во некои други поелитни населби, а и во помалку атрактивните 1.100 евра е лимитот под кој не би можеле да пазарите стан.
Најголемо поскапување на квадратот е регистрирано во последниот квартал на 2008 година, кога НБМ објавила годишен раст од цели 24,9 проценти. За таа година се очекуваше дека државата ќе влезе во НАТО, и од тие причини се прегреа пазарот на станови, кој никогаш потоа не се врати на претходното ниво.
Инаку, сегашниот раст на цените на становите, за кој патем, знаеме колкав беше пред да избие војната, а не знаеме колку ќе биде во овие страшни воени услови во кои се поскапува, градежниците го објаснуваа со понуда помала од побарувачката, која во време на пандемија порасна, како и со постојаното поскапување на материјалите. Цените на становите растеше и во цела 2020 година.
Според последните бројки на Државниот завод за статистика, расте и бројот на издадените одобренија за градба, особено кај високоградбата. Односно, во првиот месец од годинава се издадени 259 одобренија за градење, што е за 30,2 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 154, односно 59,4 отсто се наменети за објекти од високоградба, а 24 или 9,3 отсто за објекти од нискоградба.
Од кредитите, благ пораст има и кај потрошувачките кредити, додека, пак, опаѓа кредитирањето по основ на кредитни картички и минусни салда.
извор: vecer.mk