Со околу 23.000 монети коишто припаѓаат на различни историски епохи, започнувајќи од 6. век пр.н.е до денес, а биле произведувани или биле во употреба на македонско тло, Музејот на Народна банка претставува најголема јавна нумизматичка збирка во државата.
Музејот се грижи и ги чува збирката пајонски монети, антички македонски монети, антички грчки монети, келтски монети, илирски монети, римски републикански монети, римски империјални монети, римски провинцијални монети, византиски монети, збирка монети на средновековните балкански држави, венецијански монети, збирка псевдопарични форми, медали, пломби и ексагии, отомански монети и збирка модерни пари.
Првите метални пари се појавуваат многу рано на овдешните македонски простори. Како најсеверна географска дестинација на медитеранскиот културен круг и простор на најраната светска цивилизација, за прв пат тие започнуваат да се произведуваат на преминот од 6. во 5. век пр.н.е., од страна на древните пајонски племенски заедници.
И покрај тоа што се чини дека постојат повеќе можни толкувања за конкретните причини поврзани со нивното ковање, овие најрани пари имале економска и фискална функција.
Во Музејот на Народна банка се наоѓаат и сребрените пари што се користеле во времето на Филип II Македонски (359-336 г. пр.н.е.).
Набргу по неговото доаѓање на власт, започнало ковањето на Филиповите сребрени пари во Пела, а околу 357/56 г. пр.н.е. и во Амфипол. Со монетарната реформа којашто била спроведена
во 345 г. пр.н.е., Филип II, првпат во монетарната историја на Македонија, вовел златна номинала. Златниот статер бил кован во истите ковници во кои биле произведувани сребрените пари, а заради флексибилност на монетарниот систем биле издавани и неговите фракции: 1/2,
1/4, 1/8 и 1/12 од статерот.
На 26 април 1992 година, денарот бил официјално прогласен за национална валута, а подготовките за неговото воведување во општественото живеење како дел од еден покомплексен правно-формален, монетарно-финансиски и технички процес започнале веднаш по прогласувањето на самостојноста на 8 септември 1991 година.
Изданието на пари од 1993 година е всушност првото стандардизирано парично издание пуштено во оптек по осамостојувањето на државата. Народната банка ги започнала подготовките за издавање непосредно по воведувањето на транзициското издание на бонови, а целата постапка завршила една година подоцна.
Со тоа, тогашниот монетарен систем на земјата го сочинуваа книжни пари со деноминациска структура од 10, 20, 50, 100, и 500 денари, заедно со металните ковани пари со вредност од 50 дени и 1, 2 и 5 денари, коишто исто така, беа пуштени во оптек во мај 1993 година.
Oсновниот дизајн на книжните пари од ова издание ги вклучува претставите а најзначајните градби од македонското архитектонското културно наследство создавано во изминатото илјадалетие, одразувајќи ги така и разноврсните културни, економски и технички достигнувања околу кои, исто така, се формирала засебната патека, и на средновековната, и на нововековната историја на современата македонска држава.
Така, на нив по прв пат се појавија водени жигови, и тоа транспонирана претстава на Македониумот од Крушево, на банкнотите од 10, 20, 50 и 100 денари, и охридската црква Св. Јован Канео на банкнотата од 500 денари.
Музејот на Народна банка се наоѓа во зградата на Народната банка на Република Северна Македонија и е отворен за јавноста секој работен ден од 9 до 15 часот. Дозволени се и групни посети, со претходна најава и влезот е бесплатен. Во музејот се изложени монети од најразлични периоди на македонската историја.
извор: biznisvesti.mk