Огласите се истакнати на јавни места, на автобуски постојки, онаму каде има голема фреквенција на луѓе. Во огласот стои дека нудат плата од 800 евра, плус бонуси, обезбедено е сместување и возило за работа, а кандидатот треба да има завршено средно образование, да поседува возачка дозвола Б категорија, да биде одговорен и организиран.
„Се јавуваат луѓе, има доста заинтересирани. Може да се вработат и жени, но важно е да поседуваат возачка дозвола. Претежно се јавуваат кандидати на возраст од 30, 40 до 50 години. Добро е ако имаат претходно искуство, но многу е важно и да бидат снаодливи, затоа што сепак станува збор за работа во голем град. Освен 800 евра, има можност за бонуси и за дополнителна заработка“, вели посредникот од Скопје кој ги поврзува заинтересираните за работа со фирмата во Белград.
Пред неколку месеци се нудеше работа во Загреб, исто така за доставувачи на храна, со идентични услови и висина на плата. И за оваа работа беа истакнати огласи низ градовите.
Инаку, во Србија примањата растат и тие одамна ја надминаа Македонија со висината на просечната плата.
Во јануари годинава просечната нето плата во Србија изнесувала 70.920 динари. Курсот на динарот во однос на еврото постојано се менува, но сепак тоа значи дека Србите заработуваат околу 600 евра. Во Македонија во јануари 2022 година просечната нето плата изнесувала 29.980 денари, односно околу 500 евра.
извор: faktor.mk