Девојчиња и момчиња учат лозаровинарски занает во средното Земјоделско училиште во Кавадарци, но уриваат и предрасуди, покажувајќи дека нема женски и машки професии, туку има професии кои се работат со љубов.
На тема лозарство и винарство, МИА поразговара со дел од учениците и наставниот кадар, во воспитно образовната установа која постои 66 години.
Многу е важно да не ти загори казанот
Марија Темова од Росоман има 18 години, таа е матурантка. Ми раскажа дека помага во семејното производство. Била дел од различни средношколски проекти, учествувала на повеќе училишни размени со други земји. Била дел од посети на винарии и размена на информации, на тема лозаровинарство.
– Многу си го засакав училиштето, овде има толку многу, што може да се научи. Ова е Тиквешијата, лозаровинарството е главна земјоделска гранка. Занаетот почнав да го учам од дедо ми, кој исто така тука се школувал, а го усовршувам благодарение на професорите покрај кои ги надополнувам знаењата. Повеќе сакам вино да правам. Во иднина би сакала да дипломирам енологија и да отвориме наша семејна винарија. Зошто да не и еден објект со ресторан и сместувачки капацитети, за организирани дегустации и вински тури за љубители на вино, ракија и други производи од грозје. Мислам дека иднината на регионот е во винскиот туризам, децидна беше Темова.
На прашањето дали можеби размислувала како би го крстила во иднина семејниот бизнис, следуваа шеговити коментари според презимето на момчето, но и различни размислувања дали е тоа добра или лоша идеја. Дали е подобро според неговото, или пак според нејзиното. Јас како автор на овој текст, секако, навивав за ова второто. Со многу насмевки, секако, за муабетот што го разврзавме, да тече во што поопуштена атмосфера, во училишната винотека.
Пази да не ти загори казанот, е еден од советите што ги добил младиот Митко Кимов од Кавадарци, кој потекнува од семејство кое обработува околу 80 декари лозов насад.
– Се случувало да ме остават сам крај казанот да го надгледувам додека се пече ракијата. Се случувало исто така да му ставам нешто повеќе дрва на огнот. Тогаш може комињето во казанот да загори, поради создадената висока температура. После тоа, тешко се чисти. Е сега, за да не настане загорување, исто така ми кажаа и тоа ми се врежа во главата, дека комињето од сомелено грозје не треба да има многу гроздови семки. Или, како што еве веќе разговараме со професорот Коце Попов за можно решение, на дното од казанот да се стават гранки, за да не падне скроз долу цврстиот дел од комињето, семки лушпи и месест дел, од ферментирана гроздова каша, туку потечниот. Може исто така да се стави чиста вода на дното, како изолација, за да не загори казанот, сподели тој со мене.
Тајните на лозаровинарскиот занает, започнал да ги учи од деда си и татка си. Стандардно секоја година во неговата фамилија се произведувала ракија. Лани прв пат и вино, откако почнал да се школува во земјоделското училиште, а го произведил со помош на татко му и вујко му.
– Од мал сум по нивите, дури и сум спиел на лозовиот насад додека сме ги наводнувале виновите лози. Мачна е лозарската работа, не е лесна. Но убаво е кога ќе се видат резултатите од трудот. За домашни потреби, ние и понатаму ќе произведуваме ракија и вино, ми рече Кимов.
Дупнати буре и вреќа, истечени шира и вино
Славче Цветков е една година помлад од Темова, а заедничко со неа, му е тоа што и тој сака во иднина, да стане енолог и да има семејна винарија. Потекнува од неготинското Долни Дисан, кое важи за едно од местата, во кои се произведуваат најубавите македонски вина и ракии. Неговото семејство има околу 70 декари под лозов насад.
– Откако паметам за себе, моите постојано ме имаат носено по нивите. Вклучен сум во сите земјоделски работи, уште од многу мал. Понекогаш е тешко да се биде лозар, понекогаш не. Понекогаш ми е мачно да станам многу рано и да работам на поле, долго време да бидам изложен на сонце на жешко време. Дедо ми правеше ракија и вино, благо црвено вино. Кога почнав да се школувам со намера еден ден да станам енолог, посакав и направив и бело вино „темјаника”, со помош на стручни совети од мојот професор Глигор Бојков. Прв пат се обидов и успеав да произведам квалитетно вино. Прво па машко, велат блиските околу мене. Среќен сум што ја продолжувам дедовата традиција. Се надевам дека во иднина, фармерството овде, ќе биде поценето и попочитувано, како во некои други земји во светот, рече Цветков.
Поразговаравме и околу разните згоди и незгоди во лозаровинарството, кои се своевидно „школо" за призводителите на грозје и производи од грозје.
– Еднаш го ставивме комињето во буре, кое за секоја сигурност го обложивме со вреќа. За наша несреќа и бурето и вреќата биле дупнати. За жал, истече ширата. Ете тоа е пример за малер. Има такви анегдоти и во лозаровинарството. Татко ми ми има кажувано дека како мал, играјќи си, несакајќи ја одвртел славината од цистерната и истекло виното, откри тој, нагласувајќи дека внимателноста, е многу важна во оваа работа.
Блаже Ѓорчев е исто така од Долни Дисан, има 15 години. Се запишал во ова училиште, бидејќи, како што рече, многу може да се научи тука. А и регионот е таков, лозаровинарски. Или, како што се надоврзаа некои од учениците, со „зелено море" од лозја.
– Многу песни се имаат испеано за Дисан, нашиот крај е надалеку прочуен по производство на квалитетно вино и ракија. Занаетот го учам од дедо ми. Си правиме вино и ракија во домашни услови, за своја душа. Имаме 26 декари лозје. Самиот одлучив тука да се запишам, за да научам нешто повеќе за лозаровинарството и да можам да бидам што е можно поквалитетен во нашето семејно производство, изјави Ѓорчев.
Слободанка Орешкова е врсничка на Ѓорчев, живее во соседното неготинско село Тимјаник. Нејзините најблиски веќе имаат семејна винарија и големи површини лозје.
– Ме влече оваа струка, тоа го работиме дома и сакам да го работам тоа. Да правам вино. Од родителите учам занает, најмногу од татко ми. Брат ми исто така тука заврши и сега придонесува во семејната винарија, изјави таа.
Неготинецот Благој Петров има 18 години и раскажа дека засега произведуваат само за домашна употреба.
– Најмногу учам од професорите, па од татко ми. Во иднина планирам да регистрирам семејна винарија. Веќе имаме семеен бизнис, фарма за производство на свињи и свинско месо, ми откри тој, додека ние другите заеднички коментиравме, дека нема ништо поубаво од тоа, кога ќе дојде турист, да ужива во комплетна дегустација, ем мевце, ем винце.
Целиот текст можете да го најдете на: kanal5.com.mk