„Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам“ е реченицата која Дубаи, да беше човек, ќе можеше без проблем да ја изговори.
Тоа е град кој продолжува да расте и стана една од најпопуларните дестинации на планетата. Го краси раскош, прекрасна архитектура, луксузни хотели, но пред да одите таму, дефинитивно треба да ги имате на ум следниве работи:
Резервирајте сместување навреме
Со оглед на тоа дека е една од најпопуларните дестинации за одмор на Блискиот Исток, а во последните години и една од најпопуларните во светот, погрижете се да обезбедите сместување навреме. Најпопуларните месеци се од октомври до април, кога повеќето туристи пристигнуваат во Дубаи во голем број. Тоа значи дека сè, од хотели, тури и ресторани - треба да се резервира, особено хотелите. За да избегнете поскапување, се препорачува да резервирате хотели 2-3 месеци однапред.
Не мора да бидете милионер
Иако градот е познат како едно од најлуксузните места на светот, не мора да сте милионер за да го посетите. Овде можете да уживате со ограничен буџет и да најдете поевтино сместување. Такси возилата и метрото се прилично достапни, па нема потреба да се грижите за превозот, а на секој чекор ве чека евтина вкусна храна од целиот свет. Дополнително, ценкањето е добредојдено, па и овде ќе заштедите пари.
Најдете барови и клубови во хотелите
Дубаи може да се пофали со некои од најдобрите барови и клубови во светот, а повеќето се преполни во четврток и петок навечер. Во градот има бројни барови и клубови; сепак, најверојатно ќе ги најдете во хотелите поради законските одредби. Дојдете облечени во вашата најдобра облека, бидејќи во спротивно нема да можете да влезете. Ако планирате да пиете во некој од клубовите, задолжително земете такси назад до хотелот бидејќи ОАЕ имаат многу строг пристап на нулта толеранција за пиење и возење.
Не пропуштајте ги историските локалитети
Дубаи можеби има сè што можете да замислите кога е одморот во прашање, но не заборавајте да погледнете некои од знаменитостите на градот. Прошетајте низ стариот град, дом на традиционални продавници и автентични културни искуства. Откријте го блискиот планински град Хата, каде што ќе се вратите во минатото. Цитадели, тврдини и кули стари неколку века ќе ве опкружуваат во Хата. Исто така, важно е да се посети новоотворениот археолошки музеј Сарук Ал-Хадид, кој содржи артефакти и интерактивни прикази на историјата на Блискиот Исток.
Познат по бранч културата
Заборавете на бранч во Њујорк, бидејќи нема подобар град за уживање во комбинација на појадок и ручек од Дубаи. Бранчот овде е „света“ работа, а најбогатите и најлуксузните можете да ги најдете во петок („нашата“ сабота), кога паѓа првиот ден од викендот. Можат да траат со часови и да бидат придружени со диџеј сет, а она што дефинитивно треба да го запомните е дека е добро да ги резервирате однапред.
извор: kajgana.com