Секое влегување во маркет има нови цени на голем дел од основните продукти. Како да почна нов бран на поскапувања по продавниците во земјава. Може ли оваа ситуација да се ублажи?
Низ продавниците по Скопје едно јајце почна да се продава и по повеќе од 10 денари во ситуација кога просечна цена претходно беше 6,5 денари. На маслото за јадење веќе не му се знае постојаната цена. По поскапувањето од 86 на 100 денари сега продажната цена стасува и до 130, до 140 денари, зависно од продавницата. И тоа под услов да се најде на тезгите бидејќи гласините дека ќе поскапува уште повеќе си ги прават своето. Продавачите речиси секојдневно ги коригираат цените и на другите производи кои се покачуваат за 10, 15, 20… проценти. Веќе сега се навестува дека цената на месо ќе тргне кон височините.
Граѓаните во маркетите веќе влегуваат со страв од тоа што ќе видат како цена.
Сојузот на синдикатите деновиве објави дека за цели 1.000 денари во рок од три месеци, односно, од почетокот на годинава, е зголемена вредноста на потрошувачката кошничка. Таа сега, во март, изнесувала 36.768 денари и е за цели 3.000 денари поскапа од истиот период лани.
Деновиве се дозна дека соседна Србија нема да дозволи извоз на сирово сончогледово масло за производителите во Македонија. Тоа значи дека нашите производители сега ќе го бараат во други земји и по кој знае колку високи цени.
извор: skopskoeho.mk