Град Скопје објави Јавен повик за распоредување буџетски средства за финансирање програми, проекти, активности и манифестации за младите за 2022 година.
Со овој јавен повик, Град Скопје сака да ги поттикне младите активно да учествуваат во општеството низ афирмација и поддршка на младинските активности, младинската работа и неформално образование; да поттикне сојузи, здруженија и други облици на здружување да учествуваат во креирање и спроведување на младинската политика, како и зајакнување на капацитетот на здруженијата за млади на подрачјето на град Скопје; да обезбеди услови за активно и квалитетно искористување на слободното време на младите; да ги поттикне младите да учество во спортско-рекреативни активности со акцент на негување здрави животни навики, да волонтираат, да организираат семинари и едукации; да ги поттикне младите да се вклучат во активности од областа на културата и уметноста, за заштита на животната средина и просторното уредување во Скопје, како и да ги поттикне во креирање идеи од областа на информатичката технологија.
Средствата за финансирање на активностите ќе се доделуваат од Буџетот на Град Скопје за 2022 година, од Програмата за активностите во областа на спортот и младите во град Скопје за оваа година“, се наведува во соопштението на градските власти.
Потребните податоци, како и предлог програмите и проектите, програмските активности и манифестациите, со финансиската конструкција треба да се достават на посебна пријава што може да се преземе од официјалната веб страница на Град Скопје или да се подигне во архивата на Градот Скопје (барака 16).
Јавниот повик трае до 21.04.2022 година.
извор: info.mk