Вкупно 14,6 милиони онлајн трансакции се реализирани минатата година што претставува пораст од 38,7 проценти во споредба со 2020 година кога имаше вкупно 10,6 милион трансакции.
Вкупната вредност на онлајн трансакции е 437,1 милиони евра од кои 420,7 милиони евра се потрошени од домашни платежни картички, а 16,4 милиони евра од странски платежни картички, објави денеска Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Посочуваат дека согласно последно објавените податоци за платежна статистика на Народната банка, кон домашните е-трговци се слеале вкупно 335,3 милиони евра што претставува пораст од 47,9 проценти во споредба со 2020 година. Од нив, пет проценти се реализирани со странски картички, а 95 проценти со домашни картички.
– Од започнувањето на пандeмијата, е-трговијата на глобално ниво забележа значително забрзан раст. Исклучок од ова не беше ниту Северна Македонија каде забележителен е значителен раст во бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции и тоа најмногу во трансакциите реализирани со домашни картички кон домашни е-трговци. Иако пандемијата стивнува и работите веќе се враќаат во нормала, растот на новоотворените е-продавници, како и бројот и вредноста на реализираните е-трансакции продолжува и понатаму, со поголема динамика од пред пандемијата, наведуваат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Зголемување на бројот на трансакции во 2021 година во однос на 2020 година се бележи и при плаќањата со домашни картички кон странски е-трговци. Така, во 2021 година реализирани се 101,8 милиони евра трансакции наспроти 47,8 милиони евра во 2020 година.
Во текот на минатата година отворени се 312 интернет продажни места што претставува раст од 22,5 проценти со што вкупниот број на е-продавници на крајот на 2021 година изнесувал 1696.