Во Европа алармот е вклучен по ова прашање, затоа што има држави каде просечната возраст на населението е 44 или пак 47 години, но овие земји имаат политики за увоз на работна сила, нудат поволности за доселување и образование на странци.
Македонија и сега нема работници. Истото се случува и во другите земји како Хрватска, Бугарија, Унгарија, па и Србија. Од 2011 година имаме поголем одлив на населението кое оди во странство. На брод изминативе години откако трае пандемијата годишно заминуваат по 700 до 800 луѓе, но тие не се иселени, туку се на привремена работа, додека поголем е бројот на оние кои заминуваат трајно од државата.
Населението во Македонија старее поради намалениот наталитет, зголемениот морталитет и миграцијата во странство. Тоа ќе се почувствува на пазарот на труд, на кој ќе нема работници, но треба да нѐ загрижува и образованието, затоа што бројот на ученици опаѓа и во основно и во средно, а многу подрачни училишта во селата ќе се затворат. Треба да се направи стратегија и да се донесат демографски мерки и политики. Источниот, Вардарскиот и Пелагонискиот регион демографски стојат многу лошо.
Цели 20 години имаме проблем со лошата демографска слика, и на прсти се бројат општините кои имаат позитивен природен прираст на населението. Ако годишно по 5.000 деца на наши иселеници се раѓаат во странство, и ако на тоа се додаде бројот на возрасните, нивните родители, тоа дава поцелосна слика за тоа колкав број граѓани губиме со иселувањето.
Сопствениците на фирми од различни сектори велат дека проблемот веќе го чувствуваат на своја кожа. Работници сѐ потешко наоѓаат.
За многу стручни профили и занаети, фалат работници. Тие заминуваат во странство поради подобри услови за работа и подобра заработка.
извор: faktor.mk