Холандскиот пензиски систем го задржа првото место како најдобар во последниот годишен Индекс на пензиските системи спроведен од „Мелбурн Мерсер“. Освен тоа, холандскиот пензиски систем ги подобрил поените што му биле доделени минатата година.
Данска се најде на второ место во оценувањето. И двете земји успеале да се најдат во категоријата „А“ на Мерсер – категорија што бара квалификации за првокласен и стабилен пензиски систем што дава добри придобивки, одржлив е и има високо ниво на интегритет.
Холандија постигна 81,0 во овогодишното издание на Индексот, а Данска достигна 80,3 поени.
Индексната вредност е производ на три подиндекси: задоволителност (придобивки, дизајн на системот, заштеда, даночна поддршка, сопствеништво на домови и раст на средствата); одржливост (пензиско покритие, вкупни средства, придонеси, демографија, долг на владата и економски раст) и интегритет (регулатива, управување, заштита, комуникација и оперативни трошоци).
Коментирајќи ги резултатите, холандската федерација за пензиски фонд соопшти дека силна точка за Холандија е комбинацијата на државната пензија и дополнителната пензија, при што староста за државната пензија се менува со зголемувањето на животниот век.
– Според истражувањето, Холандија би можела да има и повисоки резултати ако го намали долгот на домаќинствата и ако го зголеми учеството на пазарот на трудот кај постарите лица додека расте животниот век – велат од холандската федерација за пензиски фонд.
– Навистина е убаво што пензискиот фонд на Данска повторно оваа година се најде во категоријата „А“ заедно со Холандија како единствените две држави – изјави Карина Рансби, заменик-директорка на лоби-групата „Осигурување и пензија Данска“.
Европските пензиски системи што се појавуваат на Индексот на глобални пензии во категориите Б и Б+ се: Финска, Норвешка, Ирска, Швајцарија и Германија. Системот што се наоѓа во оваа категорија се оценува дека има одлична структура, со многу добри карактеристики, но постојат области за подобрување и токму тие ја разликуваат оваа категорија од категоријата А.
Ова се првите 10 земји со најдобар пензиски систем:
1. Холандија – 81 поен
2. Данска – 80,3 поени
3. Австралија – 75,3 поени
4. Финска – 73,6 поени
5. Шведска – 72,3 поени
6. Норвешка – 71,2 поени
7. Сингапур – 70,8 поени
8. Нов Зеланд – 70,1 поен
9. Канада – 69,2 поени
10. Чиле – 68,7 поени