Пописот кој лани беше спроведен во земјава, а чии резултати без презентирани при крајот на март годинава, покажа дека во Македонија 207 населени места се без ниту еден жител. Од еден до друг попис имаме плус 60 празни населени места. Во штипско има дури 14 пусти села, а истата судбина ја делат и 12 кавадаречки села.
Ширум државата има многу празни сега, а има и такви каде сега живее возрасно население и за една деценија веројатно и тие ќе се најдат на оваа листа. Белата чума и иселувањето си го земаат данокот. М-р Драган Георгиевски, директор на Музеј на Град Кратово и кустос советник етнолог вели дека во кратовско има 30 села, од кои само десетина се живи села. Објаснува дека планинските села се замрени, а засега жители има само во селата кои се покрај патот кој минува кај Кратово и води кон соседниот град Пробиштип.
Мали се шансите дека во иднина нешто ќе се промени на подобро, затоа што и во поголемите села бројот на населението опаѓа, но ништо подобри не се ниту градовите.
Казафер Емруловски, просветен работник и хроничар од Центар Жупа вели дека на територија на општината има 17 живи села, но и неколку празни.
„Селото Пареши нема жители, има само една викендица. Горно Мелничани е празно, иако има луѓе кои доаѓаат за викенди, но постојани жители нема. Празни се и Ласиќи и Јанковци“, додава Емруловски.
По две децении од одржувањето на последниот попис во 2002 година, бројот на жители во земјава е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти. Тоа значи дека државата изгубила население колку две или три поголеми општини.
Ако погледнеме како било во минатото, податоците од пописот во 2002 година покажаа дека во Македонија има 147 празни населени места.