Книгите се сила за справување со современите предизвици, за разбирање на политичката и економската реалност и за борба со нееднаквостите и дезинформациите. Раскажувањето приказни е неверојатно ефикасна алатка за едукација на помладите генерации, вели Одре Азуле, генерална директорка на УНЕСКО, во годишната порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право – 23 Април.
Истакнува дека издавачката индустрија се соочува со големи пресврти, особено дигиталната трансформација, а предизвиците станале премногу јасни за време на KОВИД-19, кога падот на приходите ја зголеми ранливоста на авторите и продавачите на книги, како и другите креативни професионалци, а културната разновидност, исто така, беше загрозена бидејќи се намали бројот на објавени наслови.
-Во неизвесни времиња, мораме да ги негуваме и браниме книгите како симболи на надеж и дијалог. Ова значи да се солидаризираме со професионалците кои го шират нашето книжевно наследство – писатели, уредници, издавачи и преведувачи. Додека градат мостови низ континентите и културите, овие професионалци мора да бидат заштитени и да се признае нивната вредност. УНЕСКО е цврсто посветен на оваа цел. Во време кога дигиталната технологија го менува лицето на издавачката индустрија, ние се залагаме за правично наградување на авторите и заштита на културната различност, се наведува во пораката на генералната директорка на УНЕСКО.
Светскиот ден на книгата и авторското право е прогласен од Организацијата на ОН за образование, наука и култура во 1995 година за да се промовира читањето, објавувањето и авторските права. Избран е 23 април –датумот на кој во 1616 година починале тројца големи книжевни автори – Вилијам Шекспир, Мигел де Сервантес и Инка Гарсиласо де ла Вега.
Во 2001 година УНЕСКО ја воспостави и програмата Светска престолнина на книгата. Престолнина во 2022 година е мексиканскиот град Гвадалахара кој ќе има едногодишна програма фокусирана на улогата на книгите и читањето во поттикнувањето општествени промени, борбата против насилството и градењето култура на мир.
извор: 24.mk