Просечната пензија во земјава за март годинава изнесува 266 евра
Само 17 пензионери имаат пензии поголеми од 60.000 денари, а само 0,1 отсто имаат пензија повисока од 50.000 денари. Просечната земјоделска пензија не е ниту 8.500 денари, инвалидската пензија е пониска од 15.000 денари, семејната одвај надмина 13.000 денари,а воената што важи за највисока е одвај 385 евра. Просечната пензија во земјава за март годинава изнесува 266 евра!
Само 17 од вкупно 326.049 пензионери добиваат пензија што е повисока од 60.000 денари. Станува збор за нови пензионери за кои се плаќани највисоки придонеси, а нивните пензии се усогласени со актуелните законски коректори. Всушност највисоките пензии изнесуваат 60.294 денари и се за само 10 евра повисоки од досега највисоката пензија која изнесува 59.674 денари.
Според официјалните најнови податоци на државниот Фонд за пензиско осигурување пензии повисоки од 50.000 денари земаат само 351 пензионер, а тоа е одвај 0,1 отсто од сите пензии.
Најновите податоци покажуваат дека повеќе од 10.000 пензионери месечно примаат 204 до 214 евра пензија.
Околу 102.000 пензионери во март земале пензија повисока од 300 евра. Тие се воедно и најбројната групација на пензионери рангирани според височината на примената пензија. Во вкупниот број на пензионери оваа група сочинува 31 отсто. Во март повеќе од 88.000 пензионери добиле пензии кои не се повисоки од 11.500 денари. Тие се 27 отсто од сите пензионери. Дури 20 отсто од сите пензионери имаа пензија од 187 до 227 евра, а уште 21 отсто од пензионерите добиле помеѓу 228 и 293 евра пензија.
Убедливо најбројни се пензионерите кои правото го оствариле врз основа на работен однос. Во март се регистрирани 325.054 лица кои добиле пензија врз основа на исполнување на условите од работен однос.
Бројот на пензионери во март годинава во однос на февруари се намалил за 792 лица односно за 0,2 отсто.
Текстот е превземен од faktor.mk