Поранешниот англсики судија Марк Клатенбург најавува револуционерна промена на правилата. Тој предлага во иднина фудбалските натпревари да траат само 60 минути, а времето да се игра со ефективна игра на теренот.
Еден од најпознатите фудбалски судии, Марк Клатенбург, во колумна за „Дејли Мејл“, а инспириран од жалбите на играчите на Манчестер Сити за начинот на кој нивните колеги од Реал Мадрид „крадеа време“ во крајот од полуфиналниот реванш од Лигата на шампионите (ЛШ), даде идеја како во иднина да исчезнат ваквите жалби.
Иако натпреварите траат 90 минути со судиско надополнување, сепак активната игра трае помалку време, а судиите немаат решение за тоа.
Неговото решение е да се следи примерот во кошарката.
„Тренерите знаеја да ми кажат сешто по средбата ако покажав две наместо три додадни минути, како да тие 60 секунди се клучно за надополнување на тоа што го пропуштиле во целиот претходен натпревар. Екстра-времето е спорна тема и судиите го знаат тоа, бидејќи екипите што водат сакаат да го има помалку, а тие што губат да го има многу повеќе. Мислам дека има решение за сето ова, а тоа се средби кои би траеле 60 минути, но со запирање на времето. Оваа идеја веќе ја разгледуваат во ФИФА, таа функционира во кошарката и не гледам зошто не би функционирала и во фудбалот. Времето би се стопирало кога топката е надвор од теренот, кога има повреда, кога се делат картони и слично“, напиша Клатенбург.
Тој во својата колумна изнесе фрапантни податоци за активното време на некои средби од Премиер лигата. Во англиската елита сезонава во просек активно се играло 55 минути и три секунди, додека топката најкратко била во терен на средбата Вест Хем-Брентфорд (41 минути и 33 секунди), а најмногу на мечот помеѓу Манчестер Сити и Барнли (65 минути и 42 секунди).