Северна Кореја воведе блокада низ целата земја откако ги потврди првите случаи на Ковид -19 од почетокот на пандемијата.
Тестирањето на жители на Пјонгјанг покажа инфекција со варијантата омикрон. Инфекциите предизвикани од подваријантата БА.2 на високо преносливиот вид Омикрон се откриени во главниот град Пјонгјанг на 8 мај, објавија денеска државните медиуми.
Точен број на лица чиј тест е позитивен на коронавирус, не е соопштен. Според Корејската централна новинска агенција (КЦНА), властите не го прецизираа бројот на случаи, но ја опишаа епидемијата како „тешка ситуација“.
Владејачката Работничка партија одлучи да го префрли нивото на вонредна состојба на пандемијата, на неговото „максимално“ ниво „и строго да ја контролира и командува севкупната работа за превенција на епидемијата во земјата“, пишуваат медиумите.
Превентивната стратегија на Северна Кореја се потпира на целосно затворање на границите од јануари 2020 година.
Досега, земјата не достави податоци за ниту една коронавирусна инфекција до Светската здравствена организација во Женева.
На состанок на централниот комитет на Работничката партија, лидерот Ким Џонг Ун притисна официјални лица да ја совладаат, како што тој ја нарече, „неочекуваната криза“.
Светската здравствена организација нема податоци за вакцини против Ковид-19 во земјата со 25 милиони жители, откако Пјонгјанг постојано одбиваше снабдување со вакцини од меѓународната заедница.