Патник без искуство во летање слетал авион на Флорида откако пилотот се онесвестил. Во аудио-снимката од летот, се слуша како патникот Дарен Харисон и кажува на контролата на летање дека се случува „сериозна ситуација“.
Контролорот на летање му помогнал на човекот да го спушти авионот на меѓународниот аеродром во Палм Бич. Тие двајца подоцна се сретнале на аеродромот и се сликаа гушнати.
Пилотот, пак, заврши во болница.
Разговорот помеѓу Харисон и контролата на летање кој им беше даден на увид на медиумите, сликовито ја опиша драмата што се случувала во тие неколку минути.
Харисон: „Имам сериозна ситуација овде. Пилотот стана неконтактибилен. Немам идеја како да управувам со авионот“.
Контрола: „333 Лима Делта, Роџер, каква е вашата позиција?”
Харисон: „Немам поим. Можам да го видам брегот на Флорида пред мене, но немам поим“.
Контрола: „Одржувајте ги крилата прави и само обидете се да го следите брегот, или кон север или кон југ. Се обидуваме да ве лоцираме“.
Роберт Морган, контролор на летање на меѓународниот аеродром во Палм Бич, бил на одмор кога еден колега дошол да го извести за ситуацијата. Тој бил долгогодишен инструктор за летање со повеќе од 20 години искуство, но никогаш не летал со конкретниот модел – Cessna 208 со еден мотор – но нашол мапа на пилотската кабина на авионот според која му давал на патникот инструкции како да го спушти авионот.
„Знаев дека авионот лета како и секој друг авион. Знаев само дека морам да го задржам патникот смирен, да му укажам на пистата и да му кажам како да ја намали брзината за да може да се спушти и да слета“, изјави Морган за медиумите.
На снимката се слуша како Морган го учи човекот да „притиска напред на контролите и да се спушта со многу бавна брзина“ додека се приближува за слетување.
По слетувањето на авионот, на снимката може да се слушне како Морган го фали херојскиот патник на другите пилоти долу на земјата. „Дали рековте дека патник го приземјил авионот? О, Боже мој. Одлична работа“, коментирале пилотите.