Во последниве години бројот на вработени пензионери во Германија драстично се зголеми, пишува Frankfurter Allgemeine. Минатата година нивниот број надмина еден милион луѓе, иако во 2010 година ги имаше 685 илјади. Според Сорен Пелман, пратеник од левицата, овој тренд укажува дека нивото на пензиите во Германија не е доволно високо.
„Ова е тажен тренд. Бројките се резултат на нашиот пензиски систем, кој не помага за подобрување на животниот стандард на граѓаните“, ја цитира весникот изјавата на левичарскиот пратеник Пелман.
Како што забележа политичарот, бидејќи сѐ повеќе пензионери одат на работа, тоа значи дека висината на пензиите е недоволна.
Според Frankfurter Allgemeine, пензиите во Германија беа зголемени минатото лето, но острата инфлација го влоши проблемот. Изданието забележува дека најголем дел од вработените пензионери се од западниот дел на Германија.