Откако сфатила дека не е бомба, туку земјотрес, госпоѓа Ракитка Русевска, тогаш 24-годишна мајка на две деца, ги изнела децата надвор, а потоа се вратила дома, по питата кашкавал која ја купила на кредит, преку синдикатот.
Госпоѓа Ракитка Русевска во периодот на катастрофалниот земјотрес во Скопје имала само 24 години. Денеска, 79-годишната скопјанка која признава дека повеќе не се сеќава на многу работи од својот живот, на 26.јули 1963.година се сеќава како да било вчера.се сеќава дека за време на земјотресот дома била сама со своите две ќеркички, четиригодишната Викторија и 17-месечната Марина. Бидејќи било жешко и не можеле да спијат, слегле со децата во летната кујна за да ги избања и да ги освежи.
„Прво мислев дека експлодирала бомба и почнав да викам напомош по соседите. Потоа сфатив дека е земјотрес и излегов надвор со децата. поголемата не стасав ни да ја облечам, но затоа се сетив дека би требало да се вратам назад за да ја „спасам“ и питата кашкавал што ја купив на кредит, преку синдикатот. Фала му на Бога, се спасивме сите, а го спасив и кашкавалот“, раскажува Ракитка.
После земјотресот, вели таа, извесно време спиевме во шатори, а потоа, не се сеќавам точно после колку денови, не испратија заедно со други мајки со деца во Словенија. Таму бевме сместени во еден објект, кој ни кажаа дека претходно бил болница за умоболни. Останавме долго, 2-3 месеци и се сеќавам дека јадевме претежно оброци со компири, а сите таму беа многу љубезни со нас, но дојде ден кога моравме да се вратиме назад и да се соочиме со последиците од земјотресот, се сеќава госпоѓа Русевска.
majkaidete.mk