Словенија влезе во Европската монетарна унија во 2007 година, заменувајќи ја својата прва национална валута толарот, со евро, а сега некои стари банкноти од времето на монетарната сувереност добиваат значителна вредност на нумизматичкиот пазар.
За добро сочувана банкнота од 10.000 толари, отпечатена за прв пат во 1995 година, може да се добијат околу 300 евра, изјави за Н1 Словенија претседателот на словенечкото нумизматичко друштво Урбан Мате.
За време на замената на толари со евра, за таа банкнота со ликот на писателот Иван Цанкар можело да се добијат 41,6 евра.
Откако есента 1991 година ја укина употребата на стариот југословенски динар, Словенија го пушти во оптек т.н. „бонови“ кои се користеле помалку од една година, а за некои добро сочувани примероци денес може да се добие сума што ја надминува десеткратната реална вредност од времето кога биле користени, велат познавачите на нумизматичкиот пазар.
Според податоците на централната банка, на граѓаните им останале толари вредни околу 32 милиони евра во банкноти и ковани пари.