Од денеска за 20 денари поскапе автобускиот превоз на релацијата Куманово - Скопје. Наместо 150 денари колку што чинеше билетот во еден правец, сега патниците мора да платат 170 денари. Во двата правци тоа се 340 денари. За 24 работни денови секој патник треба да издвои 8160 денари.
Патниците се жалат дека поскапувањето е голем удар за семејниот буџет, бидејќи автобускиот превоз го користат главно студенти и вработени во Скопје, кои за да стигнат на работа сега мора да дадат пола плата.
„Со автобус патуваат оние коишто се пониски примања, другите одат со кола. Поради економската криза и недостатокот на енергенси се стимулира градски превоз во целиот свет, за да се намали користењето на автомобили, а кај нас тој поскапува. Во Германија превозот во цела држава за цел месец е 9 евра, а кај нас таа цена за ден и половина“, вели кумановец кој ни го прати билетот што го платил утринава.
Дел од кумановските првозници кои ги контактиравме велат дека тие не знаеле за поскапувањето, бидејќи никој не ги известил и денеска возеле по стара цена, но најавуваат дека и тие ќе направат корекција.
„Поскапеа нафтените деривати и ние немаме друг избор, ако продолжи вака ќе отиде цената на 200 денари. Знаеме дека е скапо ама немаме економска исплатливост, литар нафта е 100 денари. Доколку државата одлучи да го субвенционира превозот ќе ги вратиме старите цени“, велат превозниците, кои додаваат дека месечната карта се` уште чини 4.200 денари и важи за 30 дена во месецот.
Автобуската карта од Куманово за Скопје се зголеми пред 5 месеци од 120 на 150 денари.