Најголемиот онлајн трговец во светот, Amazon, почнува да го проширува својот удел во трговијата со луксузна мода преку овозможување на своите „Луксузни продавници“ (“Luxury Stores”) на повеќе пазари во Европа.
Оригинално лансирани во САД во 2020 година, „луксузните продавници“ на Amazon сега ќе бидат достапни и во Обединетото Кралство, Германија, Франција, Италија и Шпанија.
Првите брендови кои се приклучија на „луксузните продавници“ на Amazon беа Oscar de la Renta, La Perla, Roland Mouret и Car Shoe на Prada Group. Иницијално, корисниците на платформата можеа да купуваат преку овие луксузни е-продавници само со покана.
Со проширувањето на услугите, свои е-продавници на Amazon отворија и луксузните модни брендови Elie Saab, Christopher Kane, Rianna + Nina, Mira Mikati, Boglioli и Altuzarra. Компанијата најавува и нови брендови за мода и убавина во месеците што следат.
Amazon им нуди на брендовите единствена позиција на пазарот со брза и бесплатна испорака. Брендовите ќе имаат целосна контрола врз залихите, цените и изборот на артикли.