Повеќето граѓани се категорични дека ако работите за минимална плата од 18.000 денари, и при тоа немате екстра приходи или помош од некој друг член од семејството, не ни можете да заминете на годишен одмор.
Граѓаните велат дека поскапен е превозот, сместувањето, храната, буквално сè. Зависно од превозниците цените варираат, но повратен билет од Скопје до Охрид може да ве чини и до 1.130 денари, до Струга 1.000, а до Дојран 1.100 денари. Оваа сезона во македонските туристички центри во приватно сместување прашање е дали ќе може да се најде сметување по цена од 350 денари по лице.
Во Струга кафето чини до 100 денари, а во Охрид за истото ќе платите поскапо.
„Јас оваа година наплаќам по 350 денари по лице, не ги зголемив цените, но искрено сметам дека со минимална плата еден работник нема шанси да замисли да оди на одмор. Тоа е невозможно ако нема некој друг приход освен плата. И ние дома гледаме дека за истите работи кои сме ги купувале и пред два месеци, храна, средства за хигиена, сега даваме по 2.000 денари повеќе“, објаснува охриѓанка од Пештани.
По цела година работа, одморот е повеќе од потребен, но оние кои немаат можности, ќе останат дома
Но, има и такви кои сметаат дека со правилно распоредување на средствата во текот на целата година, дури и оние кои земаат минималец можат да си дозволат скромен одмор.
„Во Претор сместувањето за две лица чини од 800 денари па нагоре, зависно колку члена се, колку дена ќе останат и во кој период од летото доаѓаат. Но, ако готват, ако сакаат скромно да поминат, без ручеци во ресторани, мислам дека можат да си дозволат еден одмор“, додава жителка на Претор.
Во Македонија 57 проценти од луѓето не можеле да си дозволат годишен одмор, покажаа податоците на Евростат од претходните години. Во тој период оние македонски граѓани кои оделе на одмор, во просек дневно трошеле по 20 евра. Од март месец, минималецот се покачи на 18.000 денари, а минимална плата во државата примаат околу 80.000 работници.
извор: faktor.mk