Народна банка на Македонија вчера ги објави податоците кои говорат дека во петтиот месец од годинава депозитите во денари од домаќинствата се намалени за 7,3 милиони евра.
Оваа сума не е голема и не е загрижувачка, но покажува еден негативен тренд кај домашните граѓани, кои исплашени, пред се од високата инфлација која во последниве месеци регистрираше двоцифрени стапки, се одлучуваат да ги повлечат своите депозити во денари, или поточно да ги конвертираат во евра.
Во денари, пак, граѓаните на крајот на мај чуваат 2,319 милијарди евра или 7,3 милиони помалку од април, додека, пак, депозитите на домаќинствата во странска валута тежат 2,631 милијарди евра и се за 18 милиони евра повисоки од април.
Со оглед што помалку денари се повлечени отколку што се зголемени депозитите во странска валута, се извлекува заклучокот дека граѓаните и натаму имаат висока доверба во банкарскиот систем на земјава, само што повеќе преферираат да ги чуваат своите пари во девизи, отколку во денари.
Кога излегоа претходните податоци за април, Фактор пишуваше дека се враќа довербата на граѓаните во штедењето во домашната валута, денарот. Сепак, во мај се случиле нови размислувања, па повторно имаме повлекување, иако како што веќе напишавме, воопшто не станува збор за загрижувачка сума.
НБМ три пати досега за кус период ја зголеми основната камата и ги повика банките да ги зголемат каматните стапки на штедењето во денари, а деловните банки, иако досега само неколку, сепак го стартуваа процеот на пораст на каматните стапки, засега само на влоговите.
извор: faktor.mk