Владата му ја продолжува концесијата на ТАВ Македонија, концесионерот на скопскиот и охридскиот аеродром, за две години, како компензација поради наметнатите заштитни мерки во 2020 и 2021 за спречување на панедмијата кои предизвикаа непланирани загуби за операторот. Со одлука на Владата, наместо до 2030, доделената концесија ќе истекува во 2032, односно ќе трае уште десет години.
ТАВ Македонија побарал продолжување на Рокот на Договорот за концесија за две години по 16.06.2030 година, односно до 16.06.2032 година со допис испратен во мај. Во барањето ТАВ Македонија ги приложил и негативните финансиски извештаи за 2020 и 2021 во услови на рестриктивни мерки за патување во време на пандемијата.
Турската компанија во септември 2008 година потпиша договор со македонската Влада со што ги доби под концесија аеродромите во Скопје и Охрид. ТАВ беше единствена компанија на тендерот што го распиша Владата за издавање на аеродромите под концесија. Договорот за концесија предвидуваше реконструкција на аеродромите, а во 2020 со нов анекс ТАВ се согласи да инвестира 50 милиони евра за комунални проекти во земјата.
На македонското небо во 2021 год. беа реализирани околу 316.000 прелети, што претставува намалување од 36 отсто во однос на бројот на прелети во 2019 год. Тоа предизвика намалување на годишните приходи од прелети за македонскиот воздухопловен систем од 23 проценти. Истовремено, на двата македонски аеродроми во 2021 беа реализирани околу 14 илјади полетувања и слетувања, што е за 32 отсто помалку во споредба со 2019 год.
извор: faktor.mk