Претпријатијата кои стопанисуваат со државните патишта на Македонија, Србија и Албанија интензивно ги прават подготовките за реализирање на проектот за единствена електронска наплата на патарини во трите земји, со единствен ТАГ уред, договорен на последниот самит на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид.
Иако од „Патишта на Србија“ најавија дека имплементацијата на новиот систем се очекува до крајот на летната сезона, од ЈПДП велат дека ќе биде подоцна, зашто процедурите се обемни, а ова е уникатен проект, кој не постои никаде во Европа.
Во Македонија, пак, проектот Отворениот Балкан „електронска наплата“ би можел без проблеми да се реализира секаде по „Коридорот 10“, но не на „Коридорот 8“, затоа што таму се уште нема електронска наплата на патарините. На наплатната рампа Кадрифаково веќе е монтиран електронскиот систем и наскоро треба да проработи, но за наредните неколку месеци нема најава за електронска наплата на останатите пет рампи низ Коридорот 8: Миладиновци, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар.
Корисниците на електронскиот уред за наплата ќе можат да го користат постојниот ЕНП уред со негова реконфигурација и регистрирање на својата платежна картичка на едно од продажните места. ЕНП уредот ќе биде поврзан со платежната картичка на корисникот, додека самиот корисник ќе може да избере дали ќе наплатува средства во национална или во странска валута, објаснуваат во српското јавно претпријатие кое е вклучено во реализација на проектот, „Патишта на Србија“.
Оттаму информираат дека според сегашниот предлог, предвидено е граѓаните на Србија Македонија и Албанија да добиваат попуст од пет отсто со користење на овој уред.
извор: bankometar.mk