Студијата предупредува дека светот е веќе во просек за 1,2 степени Целзиусови потопол од прединдустриските нивоа.
Две нови студии фрлаат светлина на зголемените ризици со кои се соочува светот поради глобалното затоплување и објаснуваат како таквите опасности можат да ескалираат во домино ефект, пишува американскиот портал „Axios“. Една од тие студии беше објавена оваа недела во списанието „Geophysical Research Letters“. Нејзините автори предупредуваат дека одредени временски екстреми, како што е сушата, може да предизвикаат или влошат други климатски опасности, како што се топлотните бранови.
„Во јуни 2021 година, југозападниот дел на САД доживеа рекорден топлотен бран. Овој топлотен бран дојде во време кога регионот беше погоден од силна суша. „Бидејќи сушата ја менува количината на површинската енергија на начини кои влијаат на пониската атмосферска температура и циркулација, можно е комбинацијата на суша и топлина да претставува каскадна климатска опасност, во која претходната суша го влоши топлотниот бран“, се вели во студијата.
Интеракцијата на екстремните настани поврзани со климатските промени може да создаде каскадни и невидени резултати, се вели во истата студија. Југозападниот дел на САД моментално се соочува со долготрајна мегасуша предизвикана од човекот, а тие услови ја зголемуваат можноста за пожешко и суво лето со висок ризик од пожари. Авторите истакнуваат дека сличните интеракции помеѓу сушата и топлината веројатно дозволиле шумските пожари во Ново Мексико да пораснат на рекордно ниво во последните месеци.
„Гледаме сигнал за климатските промени во рана пролет, побрзи суши и предвремени летни горештини, што доведува до поголеми влијанија отколку што би предвиделе ако го погледнеме секој од овие феномени посебно“, рече коавторот на студијата Бенџамин Заичик, истражувач во Џон Хопкинс Универзитетот.