Со новата одлука која ја донесоа грчките власти се утврдува дека туристите кои ќе се заразат со Ковид-19 во Грција повеќе нема да мора да одат во карантин.
Со одлуката за здравствениот протокол на Министерството за туризам, здравство и економија, веќе нема да има карантински соби во хотелите.
Тоа значи дека патниците кои ќе се заразат со вирусот нема да мора да ги следат правилата за самоизолација додека се во Грција.
Правилото каде секој заразен со вирусот мора да остане во карантин во период од пет дена повеќе нема да важи за патниците.
Во согласност со новите протоколи патниците во Грција ќе можат да изберат дали сакаат да останат во самоизолација или не.
Покрај тоа, туристите заразени со Ковид ќе можат да пристапат до траекти, авиони и други начини на транспорт, но во овој случај ќе мора постојано да носат маска за лице FFP2 или KN95.
Инаку, бројот на заразени е нагло зголемен во последните четири недели. Бројките на Светската здравствена организација покажуваат дека Грција пријавила 113.373 нови случаи на инфекција и 150 смртни случаи во изминатите седум дена.