На светските берзи вредноста на доларот во однос на кошницата валути минатата недела достигна ново 20-годишно ниво.
Во исто време, курсот на европската валута во однос на доларот се лизна на најниско ниво.
Индексот на доларот, кој го покажува движењето на американскиот долар во однос на другите шест главни светски валути, минатата недела порасна за 1,5 отсто на приближно 107,00 поени и во еден момент достигна 107,79 поени, што е новата највисока вредност во последните 20 години, пренесува Индекс.
Истовремено, доларот зајакна за 2,2 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 1,0185 долари, а во еден момент се спушти и на 1,0072 долари, што е нова најниска вредност во последните 20 години. Курсот на доларот порасна и во однос на јапонската валута, за 0,6 отсто, на 136,10 јени.
Зошто доларот расте?
Индексот на доларот порасна за повеќе од 1 отсто втора недела по ред, што главно се должи на агресивното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Минатата недела беше објавен записникот од јунскиот состанок на ФЕД каде каматните стапки се зголемени за 0,75 процентни поени.
Записникот покажа дека лидерите на централните банки се согласуваат клучните каматни стапки да се зголемат за 0,50 или 0,75 процентни поени на состанокот во јули, имајќи предвид дека инфлацијата во САД е на највисоко ниво во повеќе од 40 години, над 8,5 отсто.
На пазарот на пари сега се проценува дека основната каматна стапка ќе достигне максимум од 3,44 отсто во март следната година, додека неодамна се проценуваше дека до мај би можела да биде 4 отсто. Моментално изнесува 1,58 отсто.
Јапонската валута, од друга страна, е под притисок на слабоста на третата по големина светска економија, иако јапонската централна банка, за разлика од повеќето други централни банки во светот, сè уште се обидува да ја поддржи економијата со лабава монетарна политика.
Во петокот, веднаш по фаталниот атентат на поранешниот премиер Шинзо Абе, јенот доби одредена сила бидејќи се смета за безбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња. Но, набрзо повторно се нашол под притисок.