Кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот резултираше со трансфер на вработените од угостителската индустрија во Германија кон други стопански дејности, првенствено во малопродажбата и логистиката, покажува истражувањето спроведено од Институтот за германска економија.
Само во 2020 година туристичката индустрија ја напуштиле 216 илјади работници, од кои речиси 35 илјади нашле нова работа во малопродажбата каде примањата изнесуваат почетни 14 евра за час.
Околу 27 илјади работници се префрлиле од угостителството во транспортниот и логистичкиот сектор, меѓу другото како доставувачи на стоки, а исто толку се вклучиле во секторот за менаџмент како секретари.
Според истражувањето, угостителството го напуштиле главно работниците со скратено работно време или работа на определено.
„Во ниту еден друг сектор за вработување падот не е толку силен, ниту во апсолутна ниту во релативна смисла“, посочуваат авторите на студијата Анника Јансен и Пола Рисиус.
Здружението на баварски хотели и ресторани (ДЕХОГА) бара соодветна имигрантска политика во Германија за да надмине проблемот со „егзодусот“ на работниците. Како пример се посочува олеснет пристап до работа во Германија за граѓани од земјите од Западен Балкан.
„Треба да се забрза процесот на доделување визи за апликантите од земјите што не се членки на ЕУ“, изјави генералниот директор на ДЕХОГА, Томас Геперт, кој не е уверен дека земјата нема да успее да го надомести недостатокот работна сила со домашни работници.