Германската лотарија бара добитник од милион евра на лото, кој две ипол години не ја подигнал добивката, а правото на тоа му истекува за половина година.
Сопственикот на добитниот тикет е од провинцијата Саксонија-Анхалт, од регионот Мансфелд-Хетштад, кој на крајот на 2019 година освоил милион евра.
„ Сè уште има време да се пријави до 31 декември до 23:59 часот“, вели директорот на Лотаријата, Штефан Еберт.
Инаку, сопственикот на тикетот ги уплатил комбинациите за две лото извлекувања „6 од 49“ на 28.11.2019 година. Два дена подоцна ги добил првите добивки, една двојка со „супер број“ и една недела подоцна една тројка.
На 07.12.2019 година во една од филијалите на лотаријата му била исплатена добивка од 17,3 евра за двете добитни комбинации.
За вонредно извлекување добил заменско ливче, кое ја содржело добитната комбинација од ждрепката на 9 декември 2019 година кога освоил милион евра.
„ Ова би било првпат во историјата на Лотото во Саксонија-Анхалт да не се бара награда од толкава сума“, објаснува Еберт.
Доколку не се јави добитникот, неподигнатите пари ќе бидат вратени во наградниот фонд на следното вонредно извлекување.