Кинеската авиокомпанија Хаинан ерлајнс утрово по четири години ги обнови редовните директни летови на релацијата од Пекинг до Белград, а на слетувањето на првиот авион на аеродромот „Никола Тесла” присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Хаинан ерлајнс ќе лета меѓу главните градови на Кина и Србија засега само во сабота, поради ограничувањата за коронавирусот кои сè уште постојат во Кина.
Вучиќ истакна дека Србија е прва во регионот која има директен лет до Кина и најави дека од септември или октомври и Ер Србија ќе воспостави летови и за Пекинг.
– Ова се големи работи, пристигна авионот на Хаинан А330 – 300, од септември или октомври авионот А330-200 на Ер Србија ќе биде малку помал, со 258 седишта. И ќе купиме уште еден А330 и можам да најавам уште една линија до Чикаго. Ќе ги поврземе Западот и Истокот и ќе летаме секаде и во регионот само од Белград, рече Вучиќ.
Хаинан ерлајнс започна да лета од Пекинг до Белград преку Прага во септември 2017 година, но летовите беа прекинати на крајот на 2018 година.
– Очекуваме до крајот на годината да потпишеме договор за слободна трговија со Кина со што ќе се отвори простор за натамошно унапредување на соработката, рече Вучиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање, Вучиќ рече дека верува оти идната влада ќе биде влада која ќе се грижи за интересите на Србија и додаде дека тоа ќе биде српска влада која ќе работи многу на побрз пристап на Србија во Европската унија, но дека сигурно нема да биде антируска.