Најдолг годишен одмор во Европа имаат вработените во Луксембург, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Норвешка, Словачка, Шведска, Австрија, Малта и Исланд, додека убедливо најкраток одмор имаат Кинезите.
Луксембург е една од најдобрите европски земји кога станува збор за должината на годишниот одмор. Законското траење е минимално 26 работни дена годишно во приватниот сектор. Вработените во јавниот сектор имаат право на 32 дена годишно, со зголемување на 34 дена во 50-тите години од животот и на 36 дена во 55-тата година. Вработените, и во јавниот и во приватниот сектор, со инвалидитет имаат право на дополнителни 6 дена годишен одмор. Сите работници исто така имаат право на 11 платени државни празници.
Во Луксембург постои и вонредно платено отстуство. Тоа не се одбива од госишниот одмор ако се користи. Се одобрува во одредени околности во кои ќе се најдат вработените.
Данска, Финска, Норвешка и Шведска исто така предничат по бројот на слободни денови. Вработените во Данска имаат право на 25 дена годишен одмор по година. Месечно добиваат по 2,08 дена. Освен тоа, мнозинството имаат дополнителна недела одмор благодарение на догвор за дополнителна, шеста недела. Секој вработен има право и на 11 платени државни празници.
Финска и понатаму на вработените им дава 5 недели годишен одмор, односно 30 дена. Работниците, исто така, во просек имаат право на 11 платени државни празници. После долга работа во истата компанија многу работодавци ги зголемуваат слободните денови од 30 на 36. Работодавците во Финска даваат и бонус за годишен одмор секоја година. Тој бонус може да се претвори во дополнителен одмор, уште 13 дена.
Работодавците од Норвешка се обврзани на вработените да им даваат 25 дена одмор. Отсуството за годишен одмор се пресметува од претходните години работен однос. Во првата година од работата имаат право на 25 дена работно отсуство, но неплатено. После една година целосен работен однос има право на 25 работни дена платен одмор. Вработените постари од 60 години имаат право на 30 дена. Сите денови се пресметуваат како работни освен недела и законските црковни или државни празници.
Во Шведска вработените имаат право на 25 дена годишен одмор. Не постојат законски одредби за плаќање на државните празници. Иако, вообичаена пракса е да се плаќаат и државните празници.
Франција е уште една европска земја која на вработените им дава 5 недели одмор, сосе сабота, плус до 22 дена за вработените кои одлучат да работат повеќе од 35 часа неделно. Дополнителните саати речиси во сите случаи се надоместуваат парично.
Германија на вработените им обезбедува 24 работни дена одмор, без недела и државни празници. Вообичаено е компаниите да даваат дополнителни 10 дена платено отсуство, со што просекот се сведува на 30 слободни дена. Постои еден државен празник, Денот на германското обединување, а државите ги регулираат останатите платени државни празници, кои варираат од 10 до 13.
Во Австрија, пак, вработените со помалку од 25 години работен стаж имаат право на 25 дена годишен одмор. Вработените кои се во иста компанија 25 или повеќе години имаат право на годишен одмор од 30 дена. Секој вработен има право на 13 платени државни празници.
Во Словачка платениот годишен одмор трање најмалку 5 недели. Вработените имаат право и на 15 платени државни празници. Естонија нуди минимален годишен одмор од 28 дена, освен ако се вработени или работодавецот се договорил за подолг период или ако законот не дефинира поинаку. Секој вработен има право и на 11 платени државни празници. На Исланд минималниот одмор за секоја година е 24 работни дена, како и 12 платени државни празници. На Малта секој вработен има право на платен годишен одмор од најмалку 5 седмици и еден работен ден на основа на 40-часовна работна недела и 8-часовен работен ден. Работниците имаат право и на 14 платени државни празници.
За разлика од Европејците, Кинезите имаат едноцифрен број слободни денови во текот на годината. Вработените кои збирно работеле од 1 до 10 години во Кина имаат право на годишен одмор од само 5 дена. Тие кои имаат 10-20 години работно искуство имаат слободни 10 дена, а тие со работен стаж од над 20 години имаат 15 дена годишен одмор.
Работодавците кои во азиските земји даваат поголем годишен одмор имаат законска обврска да им обезбедат на вработените услови да бидат отсутни подолго. Секој вработен има и право на 11 платени државни празници. Тие имаат два еднонеделни празници познати како Златни недели.