Возилата со бензински и дизел мотори би биле поскапи поради покомплексниот издувен систем потребен за исполнување на Еуро 7 стандардот
На среден рок, групацијата VW повеќе не ги гледа автомобилите со мотори со внатрешно согорување како исплатлива алтернатива на електричните автомобили. Новиот шеф на Volkswagen, Томас Шефер, очекува значително зголемување на цените на возилата како резултат на планираниот стандард на ЕУ за емисии Еуро 7.
Возилата со бензински и дизел мотори би биле поскапи од 3.000 до 5.000 евра поради покомплексниот издувен систем, вели Шефер, додавајќи:
„Кај помалите автомобили овие дополнителни трошоци тешко можат да се апсорбираат“.
Преведено, зборовите на Шефер значат дека, на пример, базното Volkswagen Polo во 2025 година (кога се планира да се воведе нормата Еуро 7) би чинело 22 или 23 илјади евра што едноставно не е одржливо и нема смисла. Шефер истакнува дека до 2025 година, групацијата VW сака на пазарот да донесе четири електрични мали модели. Покрај ID.2, ќе има уште еден модел од VW, и по еден од Škoda и Cupra, со тоа што VW сака да го понуди ID.2 за помалку од 25.000 евра.