Екстремните температури може да предизвикаат смрт на стотици луѓе ширум југозападна Европа, пишува Гардијан.
Температурата во Португалија деновиве се искачи на 47 Целзиусови степени, додека во Шпанија се измерени 45 Целзиусови степени.
Топлотниот бран предизвика пожари кои принудија илјадници луѓе да се евакуираат. Метеоролошкиот институт во Португалија не прогнозира температури пониски од 42 Целзиусови степени во наредните денови.
Метеорологот Скот Данкан вели дека ова е само почеток.
- Многу малку области на Земјата ќе бидат потопли од делови на Велика Британија и Франција на почетокот на следната недела. Воздушната маса што стигнува до Западна Европа е без преседан. Не е прашање дали ќе се срушат рекордите, туку за колку – објави тој на Фејсбук.
Метеоролозите на „AccuWeather“ предупредија дека ова е еден од најсилните топлотни бранови во Западна Европа во последните повеќе од 200 години.
Тоа продолжено, екстремно време може да стане смртоносно низ целиот континент, предупредуваат тие.
„Постои загриженост дека оваа топлина може да стане продолжен топлотен бран (20 или повеќе дена) за многу локации од Португалија до централна Франција и во внатрешноста на југоисточна Европа, бидејќи може да трае до крајот на јули и да продолжи до август“, рече метеорологот на AccuWeather.
Овој топлотен бран, според Ројс, може да се спореди со топлотниот бран од 2003 година кога повеќе од 30.000 луѓе ги загубија животите, директно и индиректно поради горештините. Тој додаде дека ова може да биде еден од најлошите топлотни бранови во Европа од 1757 година.