Официјалните податоци покажуваат дека приходот на најголемите пет тутунски компании лани надминува 100 милиони евра. Најголем дел од овие приходи се остварени од извоз.
Најголема македонска компанија за преработка на тутун е „Алајанс Уан“ со седиште во Кавадарци. Оваа компанија е филијала на „Алајанс Уан Интернационал“ и претставува најголем светски снабдувач со тутун на големите интернационални производители на цигари. Минатата година оваа компанија остварила приход во износ од 41 милиони евра, а добивката изнесува 2,5 милиони евра.
Втор најголем домашен играч на тутунскиот пазар е поранешниот Скопски тутунски комбинат кој повеќе од дваесет години е дел од меѓународната групација „Империјал Тобако“. Неговите приходи лани изнесуваат 27,4 милиони евра, а добивката лани била 1,33 милиони евра.
Трет на листата најголеми во Македонија е нашата државна компанија Тутунски комбинат Прилеп. И тука вреди да се истакне дека последниве години компанијата работи успешно за разлика од претходниот период. Лани приходите пораснале за 29 отсто до износ од 21,1 милиони евра, а добивката изнесува 2,2 милиони евра. Државната компанија во оваа конкуренција е бизнис на годината затоа што го зголемила профитот за 4,3 пати во однос на 2020 година.
Во петте најголеми е и компанијата со седиште во Прилеп и е кооперација на грчките производители на тутун , со назив СЕКЕ. Нивниот приход изнесува 14,1 милиони евра, а добивката е 1 милион евра.
Во групата најголеми има и еден домашен претприемач од Прилеп. Станува збор за домашно поседувана компанија која се вика Пашоски тутунски дилер Прилеп и е сопственост на Владко Пашоски.
Ова друштво лани остварило приход од продажба во износ од 3,8 милиони евра, а на годината ја завршило со добивка од 22.800 евра што е за 2,8 пати подобар резултат од 2020 година.
извор: faktor.mk