Занаетчиите бараат законски измени за да работат во недела
Занаетчиската комора на РСМ и Регионалната занаетчиска комора од Куманово бараат надлежните институции побрзо да реагираат и да ги донесат законските измени за недела неработен ден, информираа на денешната прес-конференција од ЗКРСМ.
Од комората велат дека со измените, работниците нема да трпат штета, ќе им се плаќа соодветниот надоместок, а занаетчиите ќе успеат да ја пребродат кризата која трае веќе од пандемијата.
– Да се размисли за измена на законот за недела неработен ден. Изминатата година комората постојано апелираше, со цел да не дојде до оваа состојба кога имаше јавnа дебата и кога се донесе законот, да се размисли и да се донесат измените и да се вкучат нашите предлози како и на стопанските комори. Наместо да се подготвиме за најавената најтешка зима за последниве децении, ние не можеме да сврземе крај во услови на лето кога имаме повеќе работа. За жал, Министерството за труд и социјална политика иако ни рекоа дека за брзо време ќе го решат овој проблем, нивниот одговор е дека законот е се уште во собраниска постапка, изјави претседателот на ЗКРСМ и на кумановската комора, Агрон Фазлији.
Тој појаснува дека не е во ред цвеќарници, фризерници, кројачници, златраници, но и други дејности да не работат во недела кога имаат огромен приход поради свадби и други прослави. Фазлији вели дека државата и занаетчиството губат пари, бидејќи граѓаните и особено сега печалбарите за семејни прослави (шминки, фризури, облека) трошат пари во соседните Косово и Србија, наместо во државата и кај нашите занаетчии.
– Тука огромен дел од средствата ни се прелеа во соседните држави и ние со затворени дуќани чекаме да дојде понеделник а тогаш нема свечености. Нашиот апел е државата да постапи брзо, за да не затворат над 50 проценти од малите бизниси. Никогаш не сме побарале да не ги плаќаме нашите вработени и самите сме самовработени во некои дејности. Бараме само да ни дозволат да работиме, да се донесат измените, вели Фазлији.
Тој стравува дека дел од занаетчиите влегуваат во непопуларната „сива” економија, работејќи по дома и под клуч. Занаетчиите уште еднаш апелираа побргу да се донесат овие законски измени.