Цената на чизбургер од Мекдоналдс во Велика Британија е покачена за прв пат по 14 години - Причината за поскапувањето се зголемениете трошоци
Синџирот за брза храна соопшти дека голем број артикли во нивните ресторани во Велика Британија ќе чинат помеѓу 10 и 20 пени повеќе. Цената на чизбургерот се зголеми од 99 пени на 1,19 фунти, јавува Би-Би-Си.
Извршниот директор на Мекдоналдс во Велика Британија и Ирска, Алистер МекКроу, во е-mail до клиентите рече дека компанијата се соочува со тешки избори во однос на нејзините цени.
„Разбираме дека било какво поскапување на нашите производи не е добра вест, но тие промени ги одложувавме и ги минимизиравме колку што можевме“, изјавил тој.
Но, некои цени сепак ќе се разликуваат помеѓу рестораните, бидејќи некои се управувани од приматели на франшизи, кои можат да ги одредуваат цените врз основа на препораките на Мекдоналдс. Доколку цената на чизбургерот на Мекдоналдс пораснеше во согласност со инфлацијата, сега ќе чинеше 1,42 фунти. „Мек“ има повеќе од 36.000 ресторани во повеќе од 100 земји.
Во вторникот беше соопштено дека фирмата размислува дали да додаде повеќе опции на мени со попуст бидејќи зголемените трошоци за живот, особено во Европа, ги натераа купувачите со пониски приходи да купуваат поевтини артикли и помалку големи комбинирани менија.
Одлуката за покачување на цените на одредени артикли дојде откако Мекдоналдс објави скок на глобалната продажба од 9,7 отсто во трите месеци до крајот на мај, во споредба со истиот период минатата година.
Исто така, ќе поскапат појадокот на Мекдоналдс, кафето и добро познатите „нагетс“.