Екатерина Запашној е руска актерка која со години работи во циркус. Има акробатски точки и отворено говори како изгледа животот во циркусот. Покрај неа секогаш се нејзиниот сопруг Константин и нивната ќерка.
Екатерина вели дека иако работата во циркус изгледа како бескрајно патување и авантура, тоа сепак е рутина. Дури и кога се во најубавите градови на светот, артистите се посветени на работата и им останува навистина малку време за истражување, пред да заминат на друго место. Времето во најголем дел го користат за да се распакуваат и спакуваат.
Екатерина открива дека на пробите артистите не изгледаат ни оддалеку толку гламурозно како на настапите. Тие се со подочници во спортска облека, а околу нив има животни кои не мирисаат пријатно. Пијат апчиња против болки и ставаат ластици на зглобовите поради напорното темпо.
Нивото на повреди во циркусот е огромно. Никој не верува дека ќе му се случи нему, но се случуваат и падови со последици по животот. Но, никој од артистите не сака да мисли на тоа за да не се парализираат од стравот.
Акробатите страдаат од болки во колената, грбот и мускулите, но кога ќе се вклучат музиката и рефлекторите, тие ја ставаат насмевката на лицето. „Вие сте изведувач и мора да изгледате добро“, вели Екатерина.
Не смеете да погрешите затоа што стотици и илјадници луѓе гледаат во вас кога сте на сцената и вие сте заробеник на улогата, не смеете да си дозволите фијаско. Мора да бидете храбри и да истраете до крај. Многу често се случува изведувачи дури и со скршеници да продолжат да настапуваат до крај.
Децата одат на циркус за да ги гледаат сјајните костими и животните, но всушност циркусот е за возрасните затоа што тие се способни да ја сфатат комплексноста на изведбите и ризиците, како и актерските способности и целосната изведба на артистите.
Точките со животните се најболни и за публиката и за самите изведувачи. Екатерина има изведба со кучиња, но постапува многу внимателно со нив. Таа дури има и блог со едукативни совети и лични искуства со нив. Дресирањето на животните Екатерина го прави на внимателен начин и во склоп на циркусот секогаш има ветеринар.
Екатерина има правило секогаш да говори со нејзината ќерка како со возрасна личност и ја прашува дали е среќна. Таа ѝ чита приказни за добра ноќ и ја учи да комуницира со животните.