Во Хрватска од денеска се воведува новo правило - платено татковско отсуство. Ќе трае 10 или 15 дена, во зависност од тоа дали се работи за едно дете или близнаци или повеќе деца родени во исто време, отсуството не е задолжително, но доколку таткото сака, работодавачот мора да го овозможи тоа.
Татковското отсуство може да се користи до шестиот месец од животот на детето, на татковците им се препорачува да го користат, а работодавачите се обврзани да го обезбедат, на оние кои нема да го сторат тоа им се „закануваат“ казни од 10.000 до 50.000 куни, наведуваат од Државниот секретар на Централниот државен завод за демографија на Хрватска.
Новото правило е регулирано со Законот за изменување и дополнување на Законот за мајчинство и родителска издршка, а државниот секретар прецизира дека, пред да се започне со остварување на ова право, важно е да се земе предвид стажот пропишан со Законот за мајчинство.
На татковците кои ќе одлучат да земат отсуство ќе им биде исплатена целосна плата, исто како што е одредена за породилното отсуство. Платата е на товар на државниот буџет, а не на сметка на работодавачот.
Единствената цел е да им се олесни животот на децата и родителите.