Системот за електронско аплицирање за сместување во студентските домови е функционален, велат за „Мета.мк“ од Министерството за образование и наука, откако повеќе студенти се пожалија дека не можат да ги поднесат своите апликации.
Студентите реагираат дека, веќе неколку денови, од отворањето на конкурсот, нивните обиди за аплицирање завршувале безуспешно, и покрај тоа што целосно ги пополниле апликациите и ги прикачиле потребните документи. Дел од нив приложија и фотографии со принтскрин од пораката „Неуспешно“, а дел добиле и известување оти „системот не е безбеден“.
Од МОН информираа дека електронскиот систем „е-услуги“ функционира без проблем и дека досега успешни апликации поднеле над 500 студенти.
Од Министерството додаваат дека секој студент кој има потреба од каква било поддршка при аплицирањето, може да се обрати на електронската адреса studentski.smestuvanja@mon.gov.mk, каде ќе им биде одговорено од Секторот за ученички и студентски стандард и ИТ – одделението.
Конкурсот за сместување во државните и приватните студентски домови беше отворен од 18 јули, а ќе трае до следниот петок, 5 август.
Целата содржина прочитајте ја на meta.mk