„Чистиме работи кои се веќе чисти, а мојот работен ден трае минимум 16 часа“
Мартина Дрежанчиќ од Хрватска е главна стујардеса на бродот M/Y Freedom, чија цена за изнајмување изнесува дури и до 100 илјади евра неделно. Таа открива за необичните и бизарните нарачки кои ги прават гостите и каков пристап има кон нивните барања и работата. Таа вели „Да се работи на јахта е како во војска, мора да има ред, работа и дисциплина“.
Јајца, но од кокошки што само јадат црви, е една од невообичаените нарачки која Мартина ја добила на јахтата, од гостин кој сакал максимална количина на протеин во својот оброк. На ова таа додава дека секогаш наоѓа решение или алтернатива за секој проблем. Понекогаш гостите бараат работи кои не можете ни да замислите дека ќе успеете да ги исполните, вели Мартина, сепак без оглед на барањето, таа применува пристап „никогаш не кажувај не“.
Нејзиното мото е: „Ако не ги следиш правилата, време е да го напуштиш бродот“.
Бродот M/Y Freedom е долг 48 метри, плови по Јадранското Море и може да прими 22 гости. Има кино, теретана, базен, џакузи, соба за масажа и „огромен избор на играчки на вода“.
„Чистиме работи кои се веќе чисти, а мојот работен ден трае минимум 16 часа. Станувам во 06:30 наутро, веднаш спремаме појадок кој некогаш може да трае до 11 часот. Потоа е ручек до 15 часот. Секогаш има што да се прави, од полнење на фрижидерот до чистење на отпечатоци од прсти. Подоцна го поминуваме менито со готвачот, секогаш оставајќи можност за посебни барања. Потоа во 18 часот почнуваме да служиме коктели и да се подготвуваме за вечера, која често се претвора во забава, која завршува околу 2 часот по полноќ“, објаснува Мартина.
Најтешкиот дел од нејзината работа е регрутирање и управување со тим кој што се сложува.
Не е лесно да се најдат 12 луѓе кои можат да работат заедно. Со нив треба да живеете најмалку шест месеци, рече Мартина и додаде дека иако работата вклучува долги и напорни часови, наградите можат да бидат огромни.
„Најголемиот бакшиш што го добив беше 10,000 евра во кеш, а сум добила и многу подароци“ – заврши Мартина.