Брачна двојка од Канада заминала на меден месец а меѓу дестинациите кои ги посетиле биле Грција и островот Миконос. Алекс и Линдзи Брин избрале бар на плажа, не знаејќи колку ќе ги чини тој избор.
Брачниот пар од Торонто нарачал едно пиво, коктел и десетина остриги и за сето тоа платиле повеќе од 400 евра. Тие ја споделија својата приказна за да ги предупредат другите за ваквите изненадувања.
Линдзи вели дека ресторанот немал мени и дека персоналот бил прилично груб.
Кога дошло време за плаќање, парот тврди дека персоналот не им ја донел сметката, туку го повикал Алекс во „задната соба“ да плати. На екранот на компјутерот му ја покажале сметката која била на грчки јазик и изнесувала над 400 евра.
Иако бил шокиран, Алекс ја платил сметката за да избегне конфликт, тврди Линдзи.
Парот три недели го поминал медениот месец патувајќи низ Европа и тврдат дека никаде не сретнале толку високи цени.
„Бевме шокирани, особено затоа што имавме навистина добри оброци во Италија. Во просек потрошивме околу 120 евра за целосна вечера со неколку коктели и мезе. Подготвени сме да потрошиме кога е оправдано, но ова време не беше. За среќа, имавме пари“ – рече таа.
Од друга страна, сопственикот на локалот објасни дека има работа со „инфлуенсери кои се обидуваат да добијат бесплатен оброк и затоа мора некако да се заштити.
„Разбирам дека некои луѓе чувствуваат дека нашите цени се надвор од нивниот буџет и целосно го почитувам нивното мислење дури и ако не ја ценат вредноста на нашата услуга, кујна, концепт и искуство. Но „нема нормален возрасен човек“ кој би нарачал пијалок без да види колку чини“ вели тој.
Газдата вели дека клиентите треба да го прашаат менаџерот пред да нарачаат да дознаат колку чини секое јадење и рече дека не размислува да му објасни што има на менито на секој што ќе влезе низ вратата.