Бројот на пушачите во Германија е значително зголемен од почетокот на пандемијата на коронавирус, според студијата чии прелиминарни резултати ги објави агенцијата ДПА во саботата.
Повеќе од една третина (34,5 проценти) од луѓето на возраст од 14 години и постари пушат, според германското истражување за навиките за пушење (ДЕБРА), кое сè уште е во тек.
Пред избувнувањето на епидемијата на почетокот на 2020 година, околу 27 отсто од луѓето пушеле, покажа истражувањето кое ги следи навиките за пушење на пошироката популација.
Поранешните пушачи се враќаат на пушењето поради стрес и анксиозност.
Епидемиологот и шеф на ДЕБРА, Даниел Коц, го опиша подемот како застрашувачки развој. Коц го припишува тој тренд првенствено на враќањето на поранешните пушачи кои повторно почнале да пушат поради стресот и анксиозноста предизвикани од пандемијата на Ковид-19.
Тој нагласи дека се уште е охрабрувачки што се помалку млади луѓе почнуваат да пушат, за разлика од трендовите од седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век.
„Охрабрувачки е што се помалку млади луѓе пушат“, повтори Кристина Румел, директорка на германскиот центар за зависности. „За жал, моментално го забележуваме спротивниот тренд кај возрасните“, додаде таа.
Румел е меѓу оние кои велат дека владата не прави доволно за да го спречи пушењето со силна превентивна политика, за разлика од Нов Зеланд, на пример, кој планира да ја забрани продажбата на цигари во иднина.
„Кога станува збор за политиката за контрола на тутунот, Германија е меѓу земјите што заостануваат во споредба со другите земји“, рече таа.
Катрин Шалер од Германскиот центар за истражување на ракот во Хајделберг рече дека Германија мора да се бори против рекламите и автоматите.
„На пушачите им се нуди премал поттик да се откажат од пушењето и добиваат премалку поддршка за да се откажат. Покрај тоа, производителите се повеќе лансираат нови производи како што се електронски цигари, греалки за тутун и никотински ќесички“, додаде таа.