Стартува новата учебна година а од испечатени учебници нема абер. Голем број на скопски општини обезбедија комплети за секое прваче. Дел од општините пак наместо прибор одлучија да доделат парични средства.
Во една општина првачињата ќе добијат бесплатни ранчиња со прибор, друга пак доделува по 3000 денари, а трета покрај ранци обезбедува и бесплатен појадок за сите 430 првоодделенци. Во Аеродром за сите првачиња се одвоени по 3500 денари а дополнително општината обезбедува и бесплатно пливање.
Материјално олеснување ќе има и за родителите на првачиња во општините од внатрешноста. Примерот го следат општините Демир Хисар, Македонски Брод, Кочани, Свети Николе, Струмица.
Училишниот прибор оваа година е поскап за околу 60 проценти повеќе од лани. По направената пресметка за да се подготви прваче со основниот материјал за учење, потребни се околу 6000 денари, за прибор со тетратки, моливи, боици, фломастери, ножички, ранец. Поради поскапувањето на хартијата најголем скок има на цената на тетратките, ако до лани една тетратка можеше да се купи и за цена од 10 денари, сега истата е двојно и тројно поскапа. Во меѓувреме учениците се уште чекаат свидетелства за минатата учебна година.