Извозот на дизел автомобили, половни, од Германија само за една година е зголемен за 20,5% до 239.541 автомобили. Ова станува јасно од анализа на одделот за логистика на Универзитетот Вурцберг-Швајнфурт, подготвен во соработка со Асоцијацијата на европскиот бизнис.
Каде одат сите овие автомобили? Според статистиката, најголемо зголемување за минатата година забележа пазарот во Украина – со 136%, следен од оној во Хрватска (+ 89,6%). На трето место е Бугарија (+ 27,7%), а на четврто е Романија (+ 26,8%). Анализата е направена врз основа на податоците на Федералната управа за статистика на Германија, пишува весникот „Automobilwoche“.
Во анализата се наведува дека по скандалот во 2015-та година со дизел моторите на „Volkswagen“ во Германија, побарувачката за автомобили со такво гориво падна нагло. Веќе е тешко тие да бидат продадени на домашниот пазар, што доведува до намалување на цените. Затоа и повеќето се извезуваат за странство.
„Старите дизел автомобили се многу популарни во земји од ЕУ како Хрватска, Словенија, Бугарија и Романија, бидејќи нивните цени се пониски. Главниот пазар за нив веќе е Украина, каде царината при увозот е само 7,3%“, објасни професорот на логистика Кристијан Киле.
Експертот додава дека во споменатите земјите се извезуваат автомобили чии мотори не ги исполнуваат еколошките стандарди, додека поновите и соодветно поскапите дизел уживаат огромна популарност на пазарите во Шпанија, Австрија и Франција. Во исто време, во државите каде еколошките барања се високи, увозот на автомобили од Германија опаѓа – во Норвешка со 26,6%, во Швајцарија со 18,7% и во Финска со 9%.
denar.mk